Saturday, October 5, 2013

За убавата девојка...

Погледот ненадејно го спушти и се претвори во девојка која го изгуби својот далеку познат шарм. Дали беше прашање на твојот став кој порано се одликуваше со високи стандарди или само е прашање на изгубена самодоверба? Дали некој те излажа дека си помалку вредна од другите или ти самата ја смисли таа бесмислена приказна? Дали ќе си дозволиш среќата да ти се лизне од рацете само поради поматениот ум и сенката која неуморно го освојува секој дел од твојот поглед? Дали се измори од тоа да ја бараш среќата во вистинските нешта? – Девојко, разбуди се! Отвори ги тие преубави очи кои не би ги насликал ни највештиот сликар, и погледни кон светот на твојот стар начин. Врати се на подиумот кој со нетрпение те очекува и престани со твоите луди испади на падната вредност. Научи дека среќата ја чуваш во себе и помири се со фактот дека постојат личности кои уживаат да те повредат. Помири се со фактот дека светот е суров, а едноличниот живот кој го живееш уште посуров. Знаеш дека луѓето никогаш нема да те разберат, дека ќе вртат со очите и ќе се смеат како да те разбираат, а одзади ќе го кријат тој злокобен поглед кој зрачи од љубомора. Ти си чудно суштество. Беше родена во погрешно време, а сега се трудиш да се вратиш во вистинското. Беше цврст камен кој сега се крши на обичен пердув. Отвори ги твоите убави сини очи. Дали стана свесна дека се убави и без да ставиш маскара и креон? Дали стана свесна дека по твоите усни копнеат многу и без да ги затвориш со црвен кармин? Дали се разбуди од сонот во кои твоите нозе се убави само на високи потпетици? – Очигледно е дека не. Но, те молам, сфати. Ти ја носиш античката убавина на боговите која никогаш не излегува од мода. Ти си избрана за да бидиш поразлична од другите и немој упорно да се претопуваш во таа толпа на едноличност. Ти си родена за гордо да чекориш како кралица на животот и улиците да го слушаат звукот на твојот чекор. Не си родена за да бидиш иста. Не си родена за модел, манекенка, актерка, барбика. Престани самата да си го кршиш срцето. Ти си родена за да бидиш девојката која ќе го промени светот, а не девојката која светот ја променил.