Monday, September 16, 2013

Ти знаеш...

Само ти ја знаеш
тајната на црната сенка
во нејзините очи...

Само ти знаеш каде
да ја најдеш ѕвездата
истетовирана во вистинитоста
на нејзиното постоење...

Само ти знаеш
како таа живееше,
дека лажеше само
кога инстинктивно,
ко од среќа, заводливо
ќе ги мрднеше рамениците
кон левата страна,
само тебе не ти избега тој детаљ
кој сиот свет го занемаруваше...

Добро се познававте,
добро ја познаваше,
како никој друг,
иако имаше многу кои мислеа
дека ја знаат тајната на нејзиниот
мистериозен живот,
приказната поради која
ја направи толку туѓа,
толку горда- ја натера да чекори
со високо крената глава,
но, ете
животот ја проколна
никогаш среќно да не се насмее.

Дали таа или тој,
дали ти или деновите,
дали животот или реалноста,
кој беше нејзиниот непијател?

Ти знаеше, знаеш,
како и секогаш,
но ете, тајната некогаш
остро го распорува
секое парче од најдрагото сеќавање.

А ти знаеш, знаеш дека
никогаш нема да те остави,
но, сепак, реши да не ѝ веруваш
.

Monday, September 9, 2013

Друга димензија

Тој ја погледна скришно, преку рамена, а потоа се сврте и почека минута, за да ѝ нанесе само поголема болка. Таа го повтори истиот потег... Потоа тие прекрасни очи ги сврте кон иднината, иако мозокот и срцето душата ѝ ја влечеа кон болното минато, кон него, кон секоја секунда која ја поминаа држејќи се за раце. А сега, што се случи? Зошто поминаа и се разминаа еден со друг? И пак упорно се сеќаваа на моментите кога ненадејно ќе ја гушнеше од зад грб, а таа ќе се почувствувше како да тој момент никогаш не ќе заврши, како во сонот од кој никогаш нема да се разбуди. А тој? Едвај чекаше да дојде на договореното место, час порано, иако знаеше дека таа е туѓа, ќе дојде или час подоцна, а можеби и нема да дојде. Тој уживаше во времето кога ја чекаше, бидејќи и така се чувствуваше поблиску до неа, сакаше да се натера да верува дека таа ќе дојде, сепак, знаејќи дека таа не се ни обидува да стигне на време, таа има поважна работа, но, кога ќе дојде, нема лесно да си замине. Нема да може да се оттргне од стисокот на тие познати прегратки и силни раце кои ѝ го разгоруваат секој дел од нејзиното тело, ја тераат да го прави и невозможносто, само и само за да остане со него до долго во ноќта, во тој добро познат стисок.... Полека очите почнаа да ѝ се полнат со солзи за кои и двајцата ја знаеја причината. Утре таа ќе си замине во тој добро познат свет, ќе почне нова страница од својот беден живот која ќе биде премногу празна за да се запише неговото име, за да ги собере тие прошетки, колачиња, наивно изнудени насмевки, глупави шеги на сечија сметка и тишина која ја прободува реалноста. Таа ќе замине кај друг иако ниту таа, ниту тој не го сакаа тоа. Всушност... не ни знаеа што сакаат. Се привлекуваа премногу за да бидат заедно, а се сакаа премалку така што можеа само да си нанесат болка еден на друг. Сепак, знаеа дека нема да се преболат. Добро им беше познат патот по кој тргнуваат и времето во кое ќе се сретнат. Не им беше гајле. И двајцата решија најдоброто да го чуваат за крај, а потоа се прегризаа силно на исто место, толку силно, што на меката кожа потече крв и истата рана зараснуваше и зараснуваше се додека не се стори лузна која длабоко печеше во срцето, во минатото, во среќата која не ја уживаа. Зошто беа осудени така? Зошто се решија да живеат во толку тајна и толку ограничена димензија поразлична од човечката? Зошто мораа да го променат светот и она што се нарекуваше живот? Зошто не се решија да бидат уште една обична љубовна приказна со ризичен почеток и среќен крај? Можеби реалноста беше премногу инспиративна за нивниот вкус, а секојдневието премногу суво за нивната врела кожа. Можеби недопирливото не беше предизвик, туку лекција, а секој ден ги оддалечуваше се повеќе сантиметри од правиот пат и рајот кој го напуштија. Можеби единствено не сакаа да живеат како обични човечки суштества кои знаат само да сакаат, да бидат слаби на чувства и страствени бакнежи, алчни на пари неспособни да ги добијат, можеби само сакаа да му докажат на животот дека среќата се заобиколува и тагата се вгнездува во срцето, исто толку лесно, колку што се купува чоколаден крем од најблиската слаткарница. Но всушност, сите знаеа за нивната љубов и се чудеа на нивната грешка. Сите ја знаеjа приказната, иако наивно ги тресеа главите кога некој ќе го спомнеше тоа. Сите знаеjа дека направија залудна жртва и дека сега беше премногу доцна за да се стори нешто, дека беа премногу горди и цврсти двајцата борци кои го предизвикаа животот. Тука и нема што да се раскаже. Двајцата си ја добија лузната за која ќе се прашуваат секогаш зошто остана на нивниот рачен зглоб, и зошто нивните прсти не ги краси златен свршувачки прстен како и сечиј друг, а ја знаеjа вистината, тие беа премногу диви, за нивната грубост и слобода да се вклопи во едно толку плитко општество кое ги држеше во окови... Единствено што добија од него беше лажно сожалување и болка...

Sunday, September 8, 2013

Убавината на уникатната дама


Ти беше само копија,

драга моја,
не беше свесна во што се претвори...
Како можеше да бидеш како неа?
Па, таа го имаше најубавиот чекор
додека се лепеа погледи
на нејзините совршено обликувани нозе,
таа невино ќе ги срушеше
сите подотворени усни
очајно жедни за нов бакнеж
кој ќе ги стопи зимските снегови
на летното сонце од морското крајбрежје...
Како можеше да очекуваш 
дека ако облечеш кусо здолниште
ќе ти стои како неа?
Па сите уживаа во начинот 
на кој мирно и полека потскокнува
парчето црна свила
и наивно се прилепува
на точно определено место,
како можеш да очекуваш тоа златно ланче
да спие на твоите гради,
кога на неа ништо не спиеше?
Таа одеше полека,
а секое парче фино одбрана облека
полека воздивнуваше,
ја оживуваше,
бидејќи таа одамна беше мртва...
Како можеш ти да умреш,
кога не можеш ни да слушнеш за таква болка?
...А таа можеше!
Таа знаеше полека, но сигурно да чекори,
да се скрие зад заводливата насмевка
и црвениот кармин,
кои ви ги подаруваше вам...
А вие?
Што сте вие?
Само глупави човечки битија
кои се огледувате на нејзиното совршенство,
доволно глупави за да поверувате во него...