Понекогаш... Посакувам
ноќта тапо да ги скрие чекорите на моето постоење. Понекогаш се прашувам дали
животот е доволен за да ја опише смртта? Дали душата мора да стане камена за
животот да не научи на доделените лекции. Само по некогаш лежам во креветот и
размислувам дали и ти беше дел од таа животна лекција или те изгубив талкајќи
низ годините, низ времето, низ иднината... И зошто сега ми недостигаш? Зошто ми
недостигаш кога стигнав во толку посакуваната иднина? Зошто заминав од тебе, а
сега ти се враќам како птица која барала поубаво гнездо? И зошто тагувам? Зошто
сеуште ме боли тој твој поглед на студенило кое не обви со сета своја покривка?
Да, студенилото беше посилно од твојата прегратка, постудено од топлината на
нашата љубов... И кога ќе те погледнам, тој твој поглед ме прави да се
чувствувам виновна. Единствено тој твој убиствен поглед на грев, иако никогаш
ти не си грешел. Ме потсетува на секоја секунда која ја поминав обвиена во
твоите прегратки чекајќи уште еден бакнеж пред да го сторам планираното, пред
да се покајам, и пред да се уништам себеси. Зошто сега ми недостига тој мирис
кој порано ме опиваше, ме заспиваше и не ми дозволуваше да се одделам од тебе?
Зошто ги раскинувам перниците и додека спијам го слушам твојот шепот, ја
чувствувам таа далечина која полека го убива моето студено срце? Дали конечно
се ќе заврши? Дали јас пак ќе си ја отворам душата пред тебе и темнината, дали
тие толку несакани места повторно ќе ги разубави твоето присуство. Пред се се
прашувам, дали еден ден ќе ми простиш затоа што те уништив тебе заедно со себе?
Дали еден ден ќе ја сфатиш мојата игра? Дали еден ден ќе ми посветиш песна која
ќе ја свират твоите очи на моите голи рамена? Знам дека одговорот е не, но
сепак сакам уште еднаш да слушнам, уште еднаш да се вратам во реалноста и да ги
сносам последиците од штетата која ја направив. Уште еднаш ко шамар од среќата
да ми фрлиш грст омраза кој гневно ќе се рашири ко отров низ моите вени, ќе ми
даде сила да продолжам да се уништувам себеси... Не знам, можеби еден ден се ќе
биде мирно, барем ќе се стиши оваа бура, оваа војна на погледи и тајно ќе се
колнеме еден со друг, а воедно ќе копнееме за тие усни кои никогаш не ги
вкусивме а кои беа нашиот пат во рајот, нашето оружје кое не уништи уште пред
да го тестираме...

No comments:
Post a Comment