Friday, April 24, 2015

Црно кафе

Чекореше,
полека и тивко,
во тишината вареше
црно кафе,
силно и топло,
остана закована во неговата сенка,
кратко и невистинито,
очекувајќи еден тежок разговор,
искрен и долг,
кој би ја променил целата димензија
на нејзиниот скромен свет,
мал и бесценет.

Чекореше,
пловеше полека и тивко
во обидот да го оттурне, чекајќи го да замолчи,
бесно и гневно,
сакаше да му врати за сета болка што и ја нанесе,
бесчувствително и дрско,
а и остануваше само надежта
дека нема да се сврти и да си замине,
како што вообичаено прави.

Чекореше,
полека и тивко
се обидуваше да ја убие љубовта во себе.
Истата љубов што од ден на ден ја негуваше,
сега се обидува да ја убие на најсуров начин,
брзо и болно.
Истата љубов што ја направи ладна,
во истиот разговор, кој би го изладила
само една шолја силно црно кафе,
кое таа го подготвува
составувајќи зборови со спротивно значење.

Чекореше,
полека и тивко
додека се обидуваше да го остави да си оди.
Да го испрати најдрагиот гостин,
надевајќи се дека го подготвила најдоброто,
последно кафе.
Силно и црно.
Кафето, кое требаше да одлучи

за одлуката која таа ја направи одамна.

Sunday, October 26, 2014

Ранетата птица

А можеби и го сакаше. Можеби беше премногу горда и самоуверена за да признае, па само бегаше од старите навики. Само бегаше од неговите погледи и се криеше од среќата, ставајќи лажна шминка на среќа и глупава насмевка во која само таа веруваше. Не, така не беше научена. Не ги добиваше своите лекции на таков начин. 
Што направи? Зошто го одигра тој потег и самата со го потпиша крајот? Дали затоа што конечно сфати дека заслужи казна? Која беше нејзината казна? Казна, која самата си ја препиша. Пресуда, за која самата си пресуди. Заслужи, навистина заслужи. Заслужи да биде ранета птица, која ќе заврши во окови. Која ќе престане да се однесува така, како што секогаш им сугерираше на другите. Кога ќе го фрли своето достоинство во калта и ќе ја спушти главата далеку под машката гордост. Конечно навечер ќе заспива со солзи и наутро ќе се буди со најубава насмевка. Конечно шминката ќе ја замени со лаги, конечно животот ќе и удри шлаканица и ќе ја фрли длабоко во бездната, каде ќе остане безвременски. Заробена, заробена во вечноста. Ќе се зароби со правилата и нема да направи ништо за да ги скрши. Ќе игра по правилата на другите, ќе стане марионета на бедното општество. Стана таква, каква што се колнеше дека никогаш нема да биде. Стана таква, каква што ни во најлошиот кошмар не сонуваше дека ќе остане засекогаш. Стана заробеник на туѓите насмевки и својата несреќа. 
Таков ли беше крајот? Тоа ли го заслужи? Сите вртеа со главите со неверување и сомнежи. Во што се претвори? Како можеше? Лесно и брзо да го заборави. Лесно и брзо избриша се и продолжи понатаму. И никој не знаеше, но таа застана. Застана и не можеше да продолжи, не без него. Коленичеше и се молеше за уште.
Крвареше во душата и не постоеше ништо што можеше да ја спаси, ништо што можеше да ја разубеди и да ја врати назад. Беше ранета, премногу ранета за да остане. Премногу совршена за да отстапи. Беше сама, премногу сама, за да успее. Сето тоа премногу ја повреди, за да го сопре крајот. Бидејќи овојпат, за неа навистина беше крај.

Thursday, August 28, 2014

Зафатена?


И повторно сама, и повторно со него, заедно, а секој сам. Не, немам момче, а не можам да сакам друг. Зафатена, презафатена, со секојдневното премотување на времето во кое се беше толку едноставно, кога беше тука, кога имаше време и немаше обврски. Или можеби имаше, но сето тоа можеше да почека... А сега?
Дали станавме само бивши кои повеќе немаат ништо што да споделат? Дали станавме пријатели со "не толку пријателско минато"? Што сме сега ние? Заедно, а сепак сами. Со илјада обиди на повторно смирување, на спојување на старите нешта. И секој пат ново разочарување и уште поголема болка. Секој пат ново дежа ву, кое уште повеќе боли. И уште некое прашање "Заедно ли сте?", на кое ни ти самиот повеќе не знаеш што да одговориш. Не знаеш ни како да продолжиш понатаму, а веќе одамна себеси се лажеш дека се преболевте.
Да, јас го преболев. Не мислам повеќе на него, ги исфрлив сите наши слики. Полека, но сигурно почнав да го испраќам кон излезот од мојот живот. Го избришав неговиот број, сите наши пораки, се избришав. Не излегуваме на исти места, одамна заборавив каде тој излегува. Продолжив понатаму. Не мислам дали веќе ме заменил со друга, не ми е гајле. И онака нашето беше грешка, само грешка која и двајцата скапо ја плативме. Повеќе не боли, нема солзи, заборавот не засени и нас и нашата приказна.
И повторно истиот филм. Случајно налетуваме еден на друг и повторно се почнува отпочеток. Краток поглед, насмевка... И повторно сме заедно повторно се отпочеток. Незнаејќи ни зошто, ни дали вреди. А не вреди.. Не вреди нашево. Не вреди приказната илјадапати на ист начин да се пишува, очекувајќи различен крај. Не вреди, едноставно не вреди, сфати веќе еднаш!
... И повторно сама, и повторно зафатена, повторно со него.. Заедно, а сепак сами!

Monday, April 28, 2014

Љубовта како да беше заборавена


                И љубовта како да беше заборавена... Во ова време на транзиција, каде некој има - некој нема, некој купил - некој украл, љубовта не беше чувство кое би ги задоволило тинејџерските потреби. Повеќе беше шминка која некогаш ја нанесуваа, заборавајќи да ја извадат, па некое време ќе се восхитуваа, додека валканоста на градот не ги извалка и нивните лица. Додека гордоста, пороците и неверствата не ја прецртаат со коса црта "ЉУБОВТА", и со големи букви не запишат "ОМРАЗА", та останува еден, кој ќе тагува и еден, кој ќе игра "срцекршачко нанесување на болка". На крај сите завршуваа во тој кош на ОМРАЗА и не излегуваа оттаму. Никој не сакаше да биде изигран, па никој не прифаќаше да биде дел од таа чувствителна сложувалка. Сите сакаа само вртоглава забава, помешана со евтини дроги, едновечерна љубов и голема доза на алкохол. За жал, љубовта како да беше заборавена...

Friday, March 14, 2014

Последниве денови

Вечерта се руши ко агол на свиокот,
приказната завршува уште пред да започне,
дождот чека нова приказна за добра ноќ,
душата чека нова рана, за да ја заздрави старата...

И тука таа ја дочека зората,
низ магијата на соништата и непознатиот град,
тука таа ги остави своите потпетици
и продолжи да го бара срцето на далечините,
се премислуваше, се колебаше,
а знаеше дека последниве денови ништо не е исто.

Како приказната да си играше со нејзиниот лик
и нејзе да и ја додели најлошата улога. 
Како да дојде делот во кој треба да го заборави минатото,
дојде ли делот во кој треба да го заборави
оној кој ја зароби засекогаш?

И полека вечерта си играше со зората
како немирно море,
се беше само игра,
само игра во реалноста која не смееше да ја прифати.

Таа беше само заљубена,
а тој само чуден,
таа беше само убава,
а тој само ладен,
тие двајца не беа ништо,
ништо освен странци,
странци, кои ништо освен еден поглед 
не ги спојуваше.

Тие двајца станаа сон,
кој долго ќе чекаат за на јаве
да го доживее својот подем,
бидејќи утре,
таа ќе мора да замине
и заедно со своите потпетици,
да го спакува минатото 
и да го однесе во непознато,
далеку од него,
далеку од неговите фантазии,
далеку од сите надежи
дека утре пак се ќе биде како порано,
и дека последниве денови 
ќе останат само нејасна слика
од една тажна љубов.

Saturday, March 8, 2014

Можевме повеќе

Заминувам. Немам повеќе причина да останам.
Немам повеќе причини за да кажам два- три “слатки збора” кои и двајцата ќе не скршат до бескрај.
Немам повеќе причини за непроспани ноќи и насолзени денови, немам повеќе сила да поправам се што никогаш не беше оштетено. Всушност, ние бевме штета. Штета која беше преголема за да опстане во еден свет како овој. Ние бевме само штета. А се изгледаше толку чисто, толку искрено. Се изгледаше како бајка, се ми беше идила од која заборавив да погледнам во реалноста. Можеби едноставно сигурно се чувствував во тие прегратки, можеби конечно бев своја, можеби конечно го раскажав тоа што не можев да го прифатам. Се беше само бајка, а најлошо од се беше тоа што ми се допаѓаше се, иако знаев дека утрото ќе морам да заминам.... Најлошо од се беше тоа што прекрасно се чувствував во тие силни раце кои си играа со мојата коса. За жал, среќна бев додека ме држиш за рака и немарно си играш со погледот во далечина. И се стана минато. Поминаа деновите кога не можев да дочекам да ми се јавиш и да заборавам на сегашноста со уште една прошетка до бескрај. Помина се. И жал ми е. Жал ми е за се, жал ми е што така безчувствително си ги кажавме најтешките зборови... А можевме повеќе. Можевме заедно да шетаме на дождот, да минеме прекрасни лета покрај езерото и да го дочекаме залезот на сонцето. Можевме да бидеме среќни, заедно да прошетаме низ плоштадот, сите да видат што значи среќа, да ни позавиди и најсреќниот... Можеше дури и Месечината да стане наш дом, можеше ѕвездите да ни направат патека по која полека, но сигурно заедно ќе чекоревме... Можевме да продолжиме со топло-ладната игра, барем на 5 минути да се изгубевме од реалноста, во безумни кавги по кои следуваше уште поголема љубов. Се беше толку прекрасно, само прекрасно. И не знам зошто, но така сакавме. Така избравме, ја прескокнавме магијата и го избравме пеколот. Можеби тој пат го скрои нашата судбина, наспроти секој наш безнадежен обид за уште... А најмногу ми е жал, бидејќи можевме повеќе....
Можевме повеќе....

Tuesday, November 19, 2013

Од срцето на далечините


Тивко, ко сива боја
Минува низ платното на густите шуми,
Се распостелува на стрмните карпи
И останува да мирува...
Тука ќе го дочека младото утро,
Тука ќе почека рајско црвена боја
Да ѝ го распара срцето,
Ќе почека животот да ја докрајчи
Ранетата душа
И да ја фрли во непознато,
Да ја фрли низ тенката покривка
На новиот ден,
Да дочека уште едно
Мајско утро полно самотија,
Да дочека уште една лага
Во својата колевка и да ја претвори во верност,
Да ја претвори во вистинита приказна
На лагите.

Чекори, полека,
Ко секој чекор да мора да се вреже
Длабоко во пукнатините
На нејзиното срце.
Со погледот минува низ тоа далечно утро,
Го дочекува изгрејсонцето на живописот,
Ја дочекува таа среќа околу неа
Која нејзе тажно ѝ делува,
Ко загубен поглед низ езерските далечини,
А таа, оставена сама на себе,
Во срцето на далечините,
Тагува, се разболува, ја мачи секоја трошка
Чувства за безчувствителноста,
Молчи, вика, зборува, липа...
До кога вака?
До кога нејзините плеќи
Ќе се свиткуваат од товарот
На далечниот живот,
До кога ќе ги свиткува модрите усни
Во една права линија,
До кога ќе сака безусловно и болно?
До кога од луѓето ќе го крие лицето
И круто ќе подарува насмевки
Кои патуваат од срцето на далечините.

Очигледно до бескрајот,
Очигледно ѝ беше судено
Нејзината тага да лебдее низ времето и просторот.
А, таа, веќе се помири.
Го сакаше,
Не признаваше, се обиде
Да бега, се обиде да се скрие во срцето на далечините,
Но, ете, остана во место
Заглавена во неговиот поглед,
Се обиде да се скрие од секоја искра надеж,
Сакаше се да стори за саканиот,
А можеше само
Да се сврти и да си замине...
Да си замине, во срцето на далечините

И да не се врати.