Wednesday, August 28, 2013

Војна на погледи

Понекогаш... Посакувам ноќта тапо да ги скрие чекорите на моето постоење. Понекогаш се прашувам дали животот е доволен за да ја опише смртта? Дали душата мора да стане камена за животот да не научи на доделените лекции. Само по некогаш лежам во креветот и размислувам дали и ти беше дел од таа животна лекција или те изгубив талкајќи низ годините, низ времето, низ иднината... И зошто сега ми недостигаш? Зошто ми недостигаш кога стигнав во толку посакуваната иднина? Зошто заминав од тебе, а сега ти се враќам како птица која барала поубаво гнездо? И зошто тагувам? Зошто сеуште ме боли тој твој поглед на студенило кое не обви со сета своја покривка? Да, студенилото беше посилно од твојата прегратка, постудено од топлината на нашата љубов... И кога ќе те погледнам, тој твој поглед ме прави да се чувствувам виновна. Единствено тој твој убиствен поглед на грев, иако никогаш ти не си грешел. Ме потсетува на секоја секунда која ја поминав обвиена во твоите прегратки чекајќи уште еден бакнеж пред да го сторам планираното, пред да се покајам, и пред да се уништам себеси. Зошто сега ми недостига тој мирис кој порано ме опиваше, ме заспиваше и не ми дозволуваше да се одделам од тебе? Зошто ги раскинувам перниците и додека спијам го слушам твојот шепот, ја чувствувам таа далечина која полека го убива моето студено срце? Дали конечно се ќе заврши? Дали јас пак ќе си ја отворам душата пред тебе и темнината, дали тие толку несакани места повторно ќе ги разубави твоето присуство. Пред се се прашувам, дали еден ден ќе ми простиш затоа што те уништив тебе заедно со себе? Дали еден ден ќе ја сфатиш мојата игра? Дали еден ден ќе ми посветиш песна која ќе ја свират твоите очи на моите голи рамена? Знам дека одговорот е не, но сепак сакам уште еднаш да слушнам, уште еднаш да се вратам во реалноста и да ги сносам последиците од штетата која ја направив. Уште еднаш ко шамар од среќата да ми фрлиш грст омраза кој гневно ќе се рашири ко отров низ моите вени, ќе ми даде сила да продолжам да се уништувам себеси... Не знам, можеби еден ден се ќе биде мирно, барем ќе се стиши оваа бура, оваа војна на погледи и тајно ќе се колнеме еден со друг, а воедно ќе копнееме за тие усни кои никогаш не ги вкусивме а кои беа нашиот пат во рајот, нашето оружје кое не уништи уште пред да го тестираме...

Monday, August 5, 2013

Во рингот против неа...

Овде.

Очи в очи против
најголемата сенка на моето Сонце.
Како да го победам тој страв
од нож в грб?
Како да ја победам неа, 
таа сила на божествата?
Гласот во мене шепоти 
ко немирно ветре на априлската пролет:
Прво остар поглед 
во дното на душата,
па удар во нејзината наивна насмевка.
1...2...3...10
Нокаутирај ја 
со болен удар во она
што некогаш ѝ даваше надеж,
а потоа копај!
Копај во мрачното минато!
Најди го оружјето
и на срушеното витко тело 
изгради сегашност.
Затвори ѝ ги очите 
и со мек стисок 
запечати ѝ ја иднината.
Нека се изгуби во времето,
во стрелките на часовникот
чекајќи го последниот воз
кој никако да пристигне.
1...2...3...10
Победи!
Ја доби толку посакуваната титула!
Ја спаси толку неприкоснованата гордост!
... Победата и онака не вредеше...

Sunday, July 21, 2013

Те видов повторно


Те видов повторно!
Во истиот ресторан 
како одговорите ги бараш
во палачинката засладена со чоколаден крем.


Те видов повторно!
Исто како пред многу години
скршен од тага за изгубеното детство...


Те видов повторно,
на денот на вашата разделба
кога острите врвови на тревките
ги скокоткаа твоите стапала.


Те видов повторно!
Кога за последен пат прошета низ твојот роден град,
кога ја бакна нежно на осамениот плоштад
и кога се разделивте засекогаш.


Те видов повторно
на денот кога реши да се промениш,
кога сонцето изгреа од запад,
а зајде на исток...


Те видов повторно,
како збунето ја пиеш ладната лимонада,
како гледаш во стариот часовник чекајќи го возот,
со засенет поглед на гнев и омраза...


Те видов повторно
и се запрашав каде е моето место
во целава оваа приказна?
Во почетокот?
На средината?
Близу крајот?


Те видов повторно
и се замислив, што сум јас во оваа песна?
Лик? Раскажувач? Посредник?


Те видов повторно
и посакав да не те видов...

Thursday, July 18, 2013

Игра на судбината


Стаклен поглед на успешна млада жена. Минато покриено со успешниот ефект на макс фактор пудра. Само насмеан робот кој веќе научи да се носи со претрупаните грешки од болното минато. Не, јас никогаш не одреков дека ми недостига нашето време. Добро паметам се. И да, ми недостига секој миг кој го поминавме заедно делејќи ги најубавите години. Кога внимателно ќе го тргнеше праменот руса коса кој паѓаше на моето лице допирајќи ме како кукла од порцелан. Кога пелтечеше обични зборови обидувајќи се да составиш реченица во која ќе опишеш колку ти значам. Ми недостига времето кога силно ќе те турнам во снегот, а потоа заедно ќе се валкаме низ белата идила. Ми недостига и времето на глупави караници после кои безгрижно се препуштав на твоите прегратки. Ми недостига сјајот во твојот поглед и звукот на заедничката тишина. Времето поминато на дождот кога не ми беше грижа за мократа облека и разбушавената коса. Ми недостига брзото чукање на твоето срце и топлото дишење, слушањето на есенскиот дожд, а јас склопчена силно во твојата прегратка исплашена од грмотевиците. Ех, колку само ми недостига времето кога ми делеше комплименти за мојот прекрасен изглед во твојот блузон, а јас сепак имав желба да облечам кратко здолниште, корсет кој ќе ми ги истакне градите и високи потпетици, гордо да зачекорам покажувајќи ја убавата фигура. Колку само ми годеше привлекувањето на машки погледи, кога јас особено среќна, со задоволство ќе изјавев дека сум само твоја. Ми причинуваше таква среќа тој твој поглед со детско задоволство, кога немарно ќе ме зграпчеше за рака и со топол стисок себично ќе ме украдеше од светот. А најмногу од се, ми недостига начинот на кој ме гледаше и најмногу ме боли тоа што сеуште ме гледаш така, но со одредена доза на тага и омраза, гнев кон животот знаејќи дека ништо не може да се смени. И умирам за пак со насолзени очи да ти се вратам в прегратка и да мирисам на твојот машки парфем. Се би дала за уште еден бакнеж во челото кој ќе ме крене до небесните височини. Понекогаш дури размислувам што би било ако ја отфрлам таа гордост или женска тврдоглавост која ни ги раздели патиштата и ги прати во провалија со изговор дека така ќе е подобро за двајцата. Размислувам дали сега станав гордост на женскиот род бидејќи го скршив срцекршачот или безобзирна кучка која ја пропушти совршената шанса за љубов од приказните. И знам дека времето ќе го покрие нашето срце на песочната плажа заедно со немирните бранови, а единствено во албумот кој ќе им пркоси ќе останат нашите дамнешни среќни моменти. Знам дека и двајцата повторно ќе сакаме, но никогаш детски, никогаш никој нема да навлезе во тој мал дел од нашите срца кој грижливо ќе го чуваме еден за друг. И еден ден пак ќе се сретнеме и ќе избегаме еден од друг набрзина, со цел да го спасиме сеќавањето на недопирливото минато. И по толку години ќе те буди непознат број и тишина која порано толку ти годеше, а сега те убива. А времето љубоморно ќе ја сокрие љубовта од младоста со твојата ќерка која ќе го носи моето име и со синот кој ќе се вика како тебе. И ќе добиеме внуци, па ќе ги отвориме старите рани заедно со прашливиот албум и ќе ја раскажеме таа толку прекрасна љубовна приказна од која и двајцата не закрепнавме во целост. А крајот веќе го знаеме. Куклата која тагата ја покри со шминка и убавецот кој се претрупа со работа само за да ги собори мислите конечно ќе се сретнат во рајот - каде пак ќе ги преживеат младелашките години... Ех, судбино, ги раздели, за пак да ги споиш. И не, не можеше поинаку. Мораше да биде баш вака, по строго правило на играта на судбината, од која никој не излезе како победник...