Monday, April 28, 2014

Љубовта како да беше заборавена


                И љубовта како да беше заборавена... Во ова време на транзиција, каде некој има - некој нема, некој купил - некој украл, љубовта не беше чувство кое би ги задоволило тинејџерските потреби. Повеќе беше шминка која некогаш ја нанесуваа, заборавајќи да ја извадат, па некое време ќе се восхитуваа, додека валканоста на градот не ги извалка и нивните лица. Додека гордоста, пороците и неверствата не ја прецртаат со коса црта "ЉУБОВТА", и со големи букви не запишат "ОМРАЗА", та останува еден, кој ќе тагува и еден, кој ќе игра "срцекршачко нанесување на болка". На крај сите завршуваа во тој кош на ОМРАЗА и не излегуваа оттаму. Никој не сакаше да биде изигран, па никој не прифаќаше да биде дел од таа чувствителна сложувалка. Сите сакаа само вртоглава забава, помешана со евтини дроги, едновечерна љубов и голема доза на алкохол. За жал, љубовта како да беше заборавена...

Friday, March 14, 2014

Последниве денови

Вечерта се руши ко агол на свиокот,
приказната завршува уште пред да започне,
дождот чека нова приказна за добра ноќ,
душата чека нова рана, за да ја заздрави старата...

И тука таа ја дочека зората,
низ магијата на соништата и непознатиот град,
тука таа ги остави своите потпетици
и продолжи да го бара срцето на далечините,
се премислуваше, се колебаше,
а знаеше дека последниве денови ништо не е исто.

Како приказната да си играше со нејзиниот лик
и нејзе да и ја додели најлошата улога. 
Како да дојде делот во кој треба да го заборави минатото,
дојде ли делот во кој треба да го заборави
оној кој ја зароби засекогаш?

И полека вечерта си играше со зората
како немирно море,
се беше само игра,
само игра во реалноста која не смееше да ја прифати.

Таа беше само заљубена,
а тој само чуден,
таа беше само убава,
а тој само ладен,
тие двајца не беа ништо,
ништо освен странци,
странци, кои ништо освен еден поглед 
не ги спојуваше.

Тие двајца станаа сон,
кој долго ќе чекаат за на јаве
да го доживее својот подем,
бидејќи утре,
таа ќе мора да замине
и заедно со своите потпетици,
да го спакува минатото 
и да го однесе во непознато,
далеку од него,
далеку од неговите фантазии,
далеку од сите надежи
дека утре пак се ќе биде како порано,
и дека последниве денови 
ќе останат само нејасна слика
од една тажна љубов.

Saturday, March 8, 2014

Можевме повеќе

Заминувам. Немам повеќе причина да останам.
Немам повеќе причини за да кажам два- три “слатки збора” кои и двајцата ќе не скршат до бескрај.
Немам повеќе причини за непроспани ноќи и насолзени денови, немам повеќе сила да поправам се што никогаш не беше оштетено. Всушност, ние бевме штета. Штета која беше преголема за да опстане во еден свет како овој. Ние бевме само штета. А се изгледаше толку чисто, толку искрено. Се изгледаше како бајка, се ми беше идила од која заборавив да погледнам во реалноста. Можеби едноставно сигурно се чувствував во тие прегратки, можеби конечно бев своја, можеби конечно го раскажав тоа што не можев да го прифатам. Се беше само бајка, а најлошо од се беше тоа што ми се допаѓаше се, иако знаев дека утрото ќе морам да заминам.... Најлошо од се беше тоа што прекрасно се чувствував во тие силни раце кои си играа со мојата коса. За жал, среќна бев додека ме држиш за рака и немарно си играш со погледот во далечина. И се стана минато. Поминаа деновите кога не можев да дочекам да ми се јавиш и да заборавам на сегашноста со уште една прошетка до бескрај. Помина се. И жал ми е. Жал ми е за се, жал ми е што така безчувствително си ги кажавме најтешките зборови... А можевме повеќе. Можевме заедно да шетаме на дождот, да минеме прекрасни лета покрај езерото и да го дочекаме залезот на сонцето. Можевме да бидеме среќни, заедно да прошетаме низ плоштадот, сите да видат што значи среќа, да ни позавиди и најсреќниот... Можеше дури и Месечината да стане наш дом, можеше ѕвездите да ни направат патека по која полека, но сигурно заедно ќе чекоревме... Можевме да продолжиме со топло-ладната игра, барем на 5 минути да се изгубевме од реалноста, во безумни кавги по кои следуваше уште поголема љубов. Се беше толку прекрасно, само прекрасно. И не знам зошто, но така сакавме. Така избравме, ја прескокнавме магијата и го избравме пеколот. Можеби тој пат го скрои нашата судбина, наспроти секој наш безнадежен обид за уште... А најмногу ми е жал, бидејќи можевме повеќе....
Можевме повеќе....

Tuesday, November 19, 2013

Од срцето на далечините


Тивко, ко сива боја
Минува низ платното на густите шуми,
Се распостелува на стрмните карпи
И останува да мирува...
Тука ќе го дочека младото утро,
Тука ќе почека рајско црвена боја
Да ѝ го распара срцето,
Ќе почека животот да ја докрајчи
Ранетата душа
И да ја фрли во непознато,
Да ја фрли низ тенката покривка
На новиот ден,
Да дочека уште едно
Мајско утро полно самотија,
Да дочека уште една лага
Во својата колевка и да ја претвори во верност,
Да ја претвори во вистинита приказна
На лагите.

Чекори, полека,
Ко секој чекор да мора да се вреже
Длабоко во пукнатините
На нејзиното срце.
Со погледот минува низ тоа далечно утро,
Го дочекува изгрејсонцето на живописот,
Ја дочекува таа среќа околу неа
Која нејзе тажно ѝ делува,
Ко загубен поглед низ езерските далечини,
А таа, оставена сама на себе,
Во срцето на далечините,
Тагува, се разболува, ја мачи секоја трошка
Чувства за безчувствителноста,
Молчи, вика, зборува, липа...
До кога вака?
До кога нејзините плеќи
Ќе се свиткуваат од товарот
На далечниот живот,
До кога ќе ги свиткува модрите усни
Во една права линија,
До кога ќе сака безусловно и болно?
До кога од луѓето ќе го крие лицето
И круто ќе подарува насмевки
Кои патуваат од срцето на далечините.

Очигледно до бескрајот,
Очигледно ѝ беше судено
Нејзината тага да лебдее низ времето и просторот.
А, таа, веќе се помири.
Го сакаше,
Не признаваше, се обиде
Да бега, се обиде да се скрие во срцето на далечините,
Но, ете, остана во место
Заглавена во неговиот поглед,
Се обиде да се скрие од секоја искра надеж,
Сакаше се да стори за саканиот,
А можеше само
Да се сврти и да си замине...
Да си замине, во срцето на далечините

И да не се врати.

Tuesday, November 5, 2013

Само уште едно скршено срце

Тивка ноќ и неколку недовршени реченици кои немаат никаква поврзаност со она што ѝ се случуваше во главата. Темен облак тага се вселуваше во тоа сеуште ниту еднаш нескршено срце. Темна магла се вселуваше во нејзиното витко тело, а таа? Таа само се потруди луѓето да ја видат во најдобро издание. Беше скршена, за првпат се почувствува безчувствително, нечовечно, како се што направила да било само залуден обид за да ја продолжи играта. Беше навикната со високо крената глава да ги поминува и најголемите падови, а сепак овојпат не можеше погледот да го крене кон небото и да не се сврти назад. За првпат, нашата срцекршачка погледна зад себе. Го виде него и заплака. Почна да трча кон прашливиот пат и кога не можеше да ја издржи болката која ја заземаше секоја единка од нејзиното слабо тело, седна на тротоарот и чекаше. Чекаше тој да ја види токму таква каква што навистина беше. Таа беше ранлива, беше скршена, но тој ја виде на сосем поинаков начин. Кога тој ја погледна, беше валкана, валкана однадвор исто како што беше валкана одвнатре. Исполнета со болка, со страв, со каење. Можно ли е конечно да ја стигнаа сите грешки? Можно ли е сеуште да го гледа него и истовремено да се бори и да се предава? Можно ли е да се кае и воздигнува? Таа само го гледаше и се губеше во тој гневен разгор на неговата омраза. Жарот на одмаздата во неговите очи ја печеше исто како и солзите кои немирно се разлеваа по нејзиното лице. Таа не знаеше што да прави. Не знаеше што се случува со нејзиниот разум и мисли, не смееше да дозволи срцето да раководи со нејзиниот живот. Знаеше само дека едноставно не може без него. Дека нејзиното постоење ќе згасне во мигот кога тој ќе престане да ја чувствува. Таа знаеше дека и илјада пати да ѝ го скрши срцето, ќе го сака онолку безусловно, како на почетокот. Го сакаше. Илјада пати се раѓаше и умираше во тој поглед, се брануваше во неговата солза и во секој атом на болка која тој ја доживеа. Вистината беше дека таа не беше онаа со скршено срце, тоа ја болеше. Вистината беше дека таа побегна од него и замина во непознат правец, да ја заврши задачата која ѝ ја додели женскиот род. Вистината беше дека ја избриша валканоста однадвор и ја врати назад на своето место, во нејзината душа. Вистината е дека секоја солза ја покри со високо квалитетна шминка и ги облече високите потпетици, и дека иако беше скршена, таа имаше сила за да се воздигне себеси во своето препознатливо светло, имаше сили за да си го зачува добропознатото лого, ЖЕНСКАТА СРЦЕКРШАЧКА.

Saturday, October 5, 2013

За убавата девојка...

Погледот ненадејно го спушти и се претвори во девојка која го изгуби својот далеку познат шарм. Дали беше прашање на твојот став кој порано се одликуваше со високи стандарди или само е прашање на изгубена самодоверба? Дали некој те излажа дека си помалку вредна од другите или ти самата ја смисли таа бесмислена приказна? Дали ќе си дозволиш среќата да ти се лизне од рацете само поради поматениот ум и сенката која неуморно го освојува секој дел од твојот поглед? Дали се измори од тоа да ја бараш среќата во вистинските нешта? – Девојко, разбуди се! Отвори ги тие преубави очи кои не би ги насликал ни највештиот сликар, и погледни кон светот на твојот стар начин. Врати се на подиумот кој со нетрпение те очекува и престани со твоите луди испади на падната вредност. Научи дека среќата ја чуваш во себе и помири се со фактот дека постојат личности кои уживаат да те повредат. Помири се со фактот дека светот е суров, а едноличниот живот кој го живееш уште посуров. Знаеш дека луѓето никогаш нема да те разберат, дека ќе вртат со очите и ќе се смеат како да те разбираат, а одзади ќе го кријат тој злокобен поглед кој зрачи од љубомора. Ти си чудно суштество. Беше родена во погрешно време, а сега се трудиш да се вратиш во вистинското. Беше цврст камен кој сега се крши на обичен пердув. Отвори ги твоите убави сини очи. Дали стана свесна дека се убави и без да ставиш маскара и креон? Дали стана свесна дека по твоите усни копнеат многу и без да ги затвориш со црвен кармин? Дали се разбуди од сонот во кои твоите нозе се убави само на високи потпетици? – Очигледно е дека не. Но, те молам, сфати. Ти ја носиш античката убавина на боговите која никогаш не излегува од мода. Ти си избрана за да бидиш поразлична од другите и немој упорно да се претопуваш во таа толпа на едноличност. Ти си родена за гордо да чекориш како кралица на животот и улиците да го слушаат звукот на твојот чекор. Не си родена за да бидиш иста. Не си родена за модел, манекенка, актерка, барбика. Престани самата да си го кршиш срцето. Ти си родена за да бидиш девојката која ќе го промени светот, а не девојката која светот ја променил.

Monday, September 16, 2013

Ти знаеш...

Само ти ја знаеш
тајната на црната сенка
во нејзините очи...

Само ти знаеш каде
да ја најдеш ѕвездата
истетовирана во вистинитоста
на нејзиното постоење...

Само ти знаеш
како таа живееше,
дека лажеше само
кога инстинктивно,
ко од среќа, заводливо
ќе ги мрднеше рамениците
кон левата страна,
само тебе не ти избега тој детаљ
кој сиот свет го занемаруваше...

Добро се познававте,
добро ја познаваше,
како никој друг,
иако имаше многу кои мислеа
дека ја знаат тајната на нејзиниот
мистериозен живот,
приказната поради која
ја направи толку туѓа,
толку горда- ја натера да чекори
со високо крената глава,
но, ете
животот ја проколна
никогаш среќно да не се насмее.

Дали таа или тој,
дали ти или деновите,
дали животот или реалноста,
кој беше нејзиниот непијател?

Ти знаеше, знаеш,
како и секогаш,
но ете, тајната некогаш
остро го распорува
секое парче од најдрагото сеќавање.

А ти знаеш, знаеш дека
никогаш нема да те остави,
но, сепак, реши да не ѝ веруваш
.