
Тој ја погледна скришно, преку рамена, а потоа се сврте и почека минута, за да ѝ нанесе само поголема болка. Таа го повтори истиот потег... Потоа тие прекрасни очи ги сврте кон иднината, иако мозокот и срцето душата ѝ ја влечеа кон болното минато, кон него, кон секоја секунда која ја поминаа држејќи се за раце. А сега, што се случи? Зошто поминаа и се разминаа еден со друг? И пак упорно се сеќаваа на моментите кога ненадејно ќе ја гушнеше од зад грб, а таа ќе се почувствувше како да тој момент никогаш не ќе заврши, како во сонот од кој никогаш нема да се разбуди. А тој? Едвај чекаше да дојде на договореното место, час порано, иако знаеше дека таа е туѓа, ќе дојде или час подоцна, а можеби и нема да дојде. Тој уживаше во времето кога ја чекаше, бидејќи и така се чувствуваше поблиску до неа, сакаше да се натера да верува дека таа ќе дојде, сепак, знаејќи дека таа не се ни обидува да стигне на време, таа има поважна работа, но, кога ќе дојде, нема лесно да си замине. Нема да може да се оттргне од стисокот на тие познати прегратки и силни раце кои ѝ го разгоруваат секој дел од нејзиното тело, ја тераат да го прави и невозможносто, само и само за да остане со него до долго во ноќта, во тој добро познат стисок.... Полека очите почнаа да ѝ се полнат со солзи за кои и двајцата ја знаеја причината. Утре таа ќе си замине во тој добро познат свет, ќе почне нова страница од својот беден живот која ќе биде премногу празна за да се запише неговото име, за да ги собере тие прошетки, колачиња, наивно изнудени насмевки, глупави шеги на сечија сметка и тишина која ја прободува реалноста. Таа ќе замине кај друг иако ниту таа, ниту тој не го сакаа тоа. Всушност... не ни знаеа што сакаат. Се привлекуваа премногу за да бидат заедно, а се сакаа премалку така што можеа само да си нанесат болка еден на друг. Сепак, знаеа дека нема да се преболат. Добро им беше познат патот по кој тргнуваат и времето во кое ќе се сретнат. Не им беше гајле. И двајцата решија најдоброто да го чуваат за крај, а потоа се прегризаа силно на исто место, толку силно, што на меката кожа потече крв и истата рана зараснуваше и зараснуваше се додека не се стори лузна која длабоко печеше во срцето, во минатото, во среќата која не ја уживаа. Зошто беа осудени така? Зошто се решија да живеат во толку тајна и толку ограничена димензија поразлична од човечката? Зошто мораа да го променат светот и она што се нарекуваше живот? Зошто не се решија да бидат уште една обична љубовна приказна со ризичен почеток и среќен крај? Можеби реалноста беше премногу инспиративна за нивниот вкус, а секојдневието премногу суво за нивната врела кожа. Можеби недопирливото не беше предизвик, туку лекција, а секој ден ги оддалечуваше се повеќе сантиметри од правиот пат и рајот кој го напуштија. Можеби единствено не сакаа да живеат како обични човечки суштества кои знаат само да сакаат, да бидат слаби на чувства и страствени бакнежи, алчни на пари неспособни да ги добијат, можеби само сакаа да му докажат на животот дека среќата се заобиколува и тагата се вгнездува во срцето, исто толку лесно, колку што се купува чоколаден крем од најблиската слаткарница. Но всушност, сите знаеа за нивната љубов и се чудеа на нивната грешка. Сите ја знаеjа приказната, иако наивно ги тресеа главите кога некој ќе го спомнеше тоа. Сите знаеjа дека направија залудна жртва и дека сега беше премногу доцна за да се стори нешто, дека беа премногу горди и цврсти двајцата борци кои го предизвикаа животот. Тука и нема што да се раскаже. Двајцата си ја добија лузната за која ќе се прашуваат секогаш зошто остана на нивниот рачен зглоб, и зошто нивните прсти не ги краси златен свршувачки прстен како и сечиј друг, а ја знаеjа вистината, тие беа премногу диви, за нивната грубост и слобода да се вклопи во едно толку плитко општество кое ги држеше во окови... Единствено што добија од него беше лажно сожалување и болка...